четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Вангеловски: Судиите треба сами да си ја штитат независноста и непристрасноста

Вангеловски: Судиите треба сами да си ја штитат независноста и непристрасноста

Македонското судство е поефикасно од порано, но треба да се посветиме на квалитетот на судството, без оглед на статистичките податоци, и тоа да ни биде стратешка цел, истакна денеска претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски на одбележувањето на 31 Март Денот на правосудството.

Вангеловски зборуваше за потребните реформи во судството, за предизвиците да се постигне независно и непристрасно судство, за проблемите со кои се соочуваат судовите и вработените во судската администрација, за потребите од повеќе пари и вработувања…

Влијанијата врз судии се можни, рече тој во својот говор, но ако судијата се држи до законот, фактите и етиката, тогаш никој не може да влијае врз неговата работа. Интегритетот на судијата е најважен и судијата, додаде, треба самиот да ја штити личната незвисност и непристрасност.

– Во таа консталација на меѓусебна контрола и соработка, извршната и законодавната власт треба да гарантираат дека судовите се независни и дека не се прифатливи мерки кои можат да ја доведат до опасност нивната независност. Треба да го обезбедат и почитуваат авторитетот на судската власт, а судската власт е таа која е стабилна и трајна и која треба да суди објективно, чесно врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори, рече претседателот на Врховниот суд.

Законодавната и извршната власт, смета Вангеловски, треба да го обезбедуваат и почитуваат авторитетот на судската власт, да ги почитуваат одлуките на судиите, бидејќи политиката е надмоќна во дефинирање на правото, но судството е надмоќно во неговата примена.

– Судството не смее да биде предмет на политички маркетинг, судиите треба слободно и независно да ја вршат својата функција, никој не смее да влијае врз судијата при донесувањето на одлуките, да му се заканува со разрешување, реизбор, да го повикува на одговорност за донесената одлука, посочи Вангеловски.

Македоните закони поврзани со непристрасноста и независноста на судството се речиси целосно усогласени со меѓународната легислатива, но според претседателот на Врховниот суд, се поставува прашање за нивна примена и дали тие се соодветно избалансирани без да се остава простор за злоупотреба, како и за изнаоѓање на вистинската рамнотежа меѓу независноста и одговорноста на судиите.

Основано се смета, посочи тој, дека од унапредувањето на професионализмот, одговорноста, како и ефикасноста во работењето на судиите главно ќе зависи и успешното функционирање на судскиот систем.

Осврнувајќи се на извештајот на експертската група на Прибе, Вангеловски кажа дека наводите од него ги смета како сериозен показател дека треба, како што посочи, „да ги активираме сите механизми за спречување на влијанијата врз судството и унапредувањето на независноста, како на институционално така и на поединечно судиско ниво“.

За реформските закони, кажа дека ги праќаат до Врховниот суд, но дека има чувство дека не го чекаат мислењето на Судот.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски во своето обраќање истакна одредени појави кои во последниве неколку години излегоа на виделина, покажуваат одредена преплетеност, односно мешање на извршната власт во функционирањето на судската, а ова е нотирано и во извештаите на Европската комисија, но и на други релеватни меѓународни субјекти.

Ако како држава и како општество сме се определиле за евроатлански интеграции, тогаш наша задача е да си ја завршиме својата домашна разбота на сите полиња. Притоа, главниот мотив за неопходните и промптни реформи во правосудството, треба да ни биде граѓанинот, неговите слободи и права.

Во таа насока, се надевам дека релативно брзо и квалитетно ќе бидат направени потребните реформи преку целосна имплементација на владиниот план 3-6-9.

Собранието, кажа Мисовски, останува отворено за сеопфатна и транспаретна соработка, заради нашата заедничка цел – Република Македонија да биде држава во која секој граѓанин ќе се чувствува еднаков пред законот и ќе се почитуваат неговите слободи и права.

– Затоа на Република Македонија и е неопходна независна и самостојна судска власт, рече Мисовски.

На свеченоста присуствуваа највисоките претставници на судската власт во Македонија, како и гости од Косово, Албанија, Словенија, Турција и од други земји.

На денешен ден во 1945 година, Президумот на АСНОМ донесе Повелба за устројство на народните судови во федерална Македонија, поставувајќи темелите на судската власт.

МИА

Најнови вести