Операцијата „Попис“ од ден на ден станува се посериозна и посомнителна. Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис. Од тие причини, како Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно кажуваме дека нема да бидеме нем набљудувач на овој крајно несериозен политички процес и затоа денес во Собранието на Република Македонија поднесовме Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка, изјави денеска за медиумите, Иванка Василевска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
– На ова самоволие мора да му застанеме на патот и да не дозволиме криминален и насилнички попис. Оваа лакрдија што ни се случува во врска со пописот, ја најавувавме и предвидовме уште од самиот почеток. Но самобендисаната власт на чело со Зоран Заев, воопшто не сакаше да разговара и дебатира на оваа тема. Од редовна и статистичка операција, неспособноста на Зоран Заев и владата овој попис го претвори во политичка операција и пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште од самиот старт укажуваше на многубројните недостатоци и аномалии на Законот за попис и од тие причини поднесовме околу триесетина суштински амандмани кои имаа за цел да го подобрат текстот на законот, но власта предводена од Зоран Заев не прифати ниту еден амандман. Секојдневно и на секој начин укажувавме дека овој попис, предвиден и договорен како што замислува СДСМ и Заев, нема да биде релевантен и нема да даде точни и релевантни податоци, туку само дополнително ќе ги доведе Република Македонија и нејзините граѓани во заблуда, посочи таа.
-Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се’уште се, и тоа:
– злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата,
– недостиг на консензус од сите политички партии,
– проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот,
– нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората, и
– погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година.
Но и покрај овие издржани аргументи, власта и Зоран Заев никако не отстапуваат од политичкиот договор и намерата по секоја цена да се одржи пописот, вели Василевска.
Таа укажа дека легитимната борба против одржување на ваков сомнителен и фингиран попис, ја препознаа и огромен број на граѓани.
– За само неколку дена над 100 илјади граѓани, со име и презиме, јасно и гласно го кажаа своето мислење и недоверба и рекоа големо „НЕ“ за ваков попис. Токму затоа, нашата заедничка борба против овој политички попис, не застанува тука. Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од огромната поддршка од граѓаните, но и од нашата борба против ваков фингиран попис, го поднесовме овој предлог на закон за престанување на важењето на законот за попис и бараме закажување на итна и неодложна седница на Собранието на Република Македонија на која што ќе се изгласа овој Предлог на закон и ќе се стопира овој политички попис и оваа национална катастрофа во најава. За таа цел, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон. На крајот, сакаме да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се против попис на населението, бидејќи таква статистичка операција е многу важна и неопходна за Република Македонија, но сакаме да упатиме силна порака дека ние сме и ќе бидеме против фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско – коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани на Република Македонија, додаде Василевска.