Наша заложба е да нема значително зголемување на цените на електричната енергија по 1 јануари идната година иако трендот на зголемување на цените на енергенсите за производство на електрична енергија, на производството и на берзанските цени укажуваат дека треба да има значително зголемување на цените, порача денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
-Се она што го правиме во овој период е да нема зголемување на цените, дури можно е да има и одредено намалување на цената за првиот и вториот блок во кој влегуваат граѓаните кои штедат и трошат помалку енергија, како и граѓаните кои имаат помали примања и живеат во помали објекти и оние со пониски примања. Токму за нив Владата бара начин да нема зголемување, а можно е сметката да има и одреден процент на намалување за сметка на четвртиот блок каде се најголемите потрошувачи кои трошат најмногу енергија и користат поголеми капацитети за загревање. Таму ќе има поголемо зголемување, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во ЕСМ.
Тој нагласи дека мора да се направи некој баланс за да има, како што рече, социјална правда и оние кои имаат пониски сметки да плаќаат помалку,а тие што си дозволуваат поголема потрошувачка на електрична енергија да плаќаат повеќе.
-Владата прави напор да има намалување на цената на електричната енергија во делот на малите потрошувачи, тоа се 65-те илјади субјекти кои се на регулираниот пазар, рече Ковачески и додаде дека во изминатиот период околу седум илјади такви субјекти ги затвориле своите капацитети поради цената на електричната енергија.
Сметам, додаде, дека кај нив ќе има значително намалување на цената на електричната енергија.
-Како ЕСМ задно со Владата правиме пресметки цената која ЕСМ ќе ја дава кон ЕВН Електродистрибуција и кон МЕПСО заедно со онаа кон ЕВН Хоум да не предизвикаат зголемување на цените, односно дури да може да има намалување на цената за крајните потрошувачи, потенцира Ковачевски.
Прецизира дека за потребите на ЕВН Хоум ќе достават табела од сегашната цена од 48 евра за мегават час па нагоре, а Владата на затворена седница одучува која цена ќе биде препорачана и во затворен плик ќе ја достави на денот на тендерот на ЕВН Хоум.
ЕСМ денеска треба да ја достави цената по која Електродистрибуција ќе ги покрива загубите во системот, утре треба да биде доставена цената за ЕВН Хоум, а во понеделник за покривање на загубите во системот на МЕПСО. Се очекува од вторник, па до крајот на следната недела Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги – РКЕ да ја донесе одлуката за цената на електричната енергија што ќе важи од 1 јануари идната година за да може навреме ЕВН да ги подготви софтверите. Засега се знае дека по 1 јануари ќе се зголеми ДДВ-то за потрошената електрична енергија од сегашните 5 на 10 отсто, но сепак ќе остане со повластена стапка до јули идната година кога согласно одлуката на Владата треба да се врати на вообичаените 18 отсто. (МИА)