Прв ден власт, прв ден криминал на истата таа власт. СДСМ И ДУИ експресно на само еден ден по формирањето на владата, во Тетово носат измени во ДУП со кои му овозможуваат бизнис од 200 милиони евра на контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, обвинува Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Заради бизнис интерес на врвот на власта за кратко овде зад нас на местото на некогашниот гигант ШИК Јелак ќе никне бетонска џунгла со над 2.000 станбени единици, илјадници метри квадратни деловни простории и трговски центри. Криминал на дело! На СДСМ и ДУИ им требаше само еден ден да го реализираат ветувањето кон Дака, за кое слушнавме пред изборите дека преку Зоран Милевски Кичеец владата земала 300.000 евра поткуп и добила ветувања за дополнителен поткуп доколку работата биде завршена. Според снимката која сите ја слушнавме Дака дава ветување за 2.000 м2. Дали тоа се 2.000 м2 станбен простор и кај кого треба да заврши?! Кој од власта ќе се офајди од авантата од 2.000 м2 станбен простор, што е еднакво на 40 стана од 50м2 ?! Односно 2.000.000 евра, доколку м2 површина се смета по цена од 1.000 евра, порача тој.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат: Ова ли се темелите на коалицијата СДСМ – ДУИ?!
-Бизнис интереси на штета на народот! Никој ниту локалната, ниту централната власт ги прашала граѓаните на Тетово дали сакаат на ова место зад нас да никне бетонска џунгла. За овој криминал некој треба да одговара. Одговорност мора да има. Тетово ќе казни. Во таа насока го повикуваме ЈО за организиран криминал и корупција да реагира и да отвори случај. Информациите од снимките кои излегоа во јавност за поткуп од стотици илјади евра за комбинатот ШИК Јелак сега имаат своја завршница. Ова е сериозен криминал за кој врвот на власта на чело со Заев мора да одговара, порача тој.