ВМРО-ДПМНЕ на сите театарски работници им го честита 27-ми март Светскиот ден на театарот! За жал, некои театарски уметници кои се ангажирани на сцените на македонските театри, немаат можност да се израдуваат и достоинствено да го прослават денешниот празник, обвинува Роберт Вељановски.
-Имено, со доаѓањето на власт на СДСМ, и за само 10 месеци, Владата на СДСМ успеа до крајни граници да ги девалвира и Министерството за култура и сите културните установи во Републиката. Владата на СДСМ ја руши меѓународната репутација на македонската културата и држава воопшто. Скандал без преседан е, Македонската опера и балет со месеци да доцни со исплата на странските уметници кои хонорарно се ангажирани, а во исто време да се трошат илјадници евра на скапи репрезентации по ресторани и хотели. Јапонскиот балетан, Кенто Терашита, е само еден од неколкумината странски уметници кои хонорарно се ангажирани во Македонската опера и балет и на кои три месеци не им е исплатен заработениот хонорар. Терашита на својот фејсбук профил, разочаран во врска со проблемот при исплатата, праша дали МОБ е професионална институција, дали ова е национална установа и дали оваа ситуација е нормална во Македонија, истакна тој во прес-конференцијата одржана во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порача дека недозволиво е уметник кој си го исполнил договорот и ја завршил работата за која бил ангажиран да чека со месеци да му биде исплатен хонорарот.
-Дополнително скандалозен е фактот што истиот, поради недостиг на материјални средства, не може да оди на лекарски третман, иако е повреден на проба во институцијата која што го ангажирала. ВМРО-ДПМНЕ цени дека скандалозните постапки и процедури при донесувањето на Годишната програма за работа во културата за 2018-та година е главната причината зошто националните установи повеќе од три месеци се оставени без буџетска поддршка и не се во состојба да ги подмируваат елементарните обврски за работа. Алаѓозоски и СДСМ, со своето неодговорно владеење, се директно одговорни за целата штета што ќе ја причинат врз угледот на Република Македонија. Министерот Алаѓозоски ја руши сликата за државата во земјата, но и во странство. Уметниците не смеат да бидат жртви на неодговорноста на министерството раководено од Алаѓозоски. Уметниците не смеат да страдаат додека тој се луксузира. ВМРО-ДПМНЕ прашува: Дали е ова дното на неодговорноста, непрофесионализмот и дилетантизмот на оваа гарнитура во Министерството за култура, заклучи Вељановски.
ВМРО-ДПМНЕ бара ресорниот министер да ја понесе комплетната морална и политичка одговорност, не само за овој случај, туку и за целокупните состојби во македонската култура.