Во тек е донаторска акција за помош на Атиџе Муратова, ѕвездата од документарецот „Медена земја”.
На социјалните мрежи веќе околу една недела се споделува линкот за донации на страницата Gofundme, и веќе се собрани околу 2.000 долари, додека во објавата е наведено дека целта на акцијата е да се соберат 5.000 долари за помош на Атиџе, објавува Фокус.
-Суперхеројот од документарниот филм „Медена земја” номиниран во две категории на Оскарите, една од ретките која одгледува диви пчели, има едноставна желба, да ја поправи старата куќа која и беше подарена од режисерите на филмот. Таа живее во Дорфулија и се уште оди во планините да се грижи за пчелите. Таа нема пензија, ниту пак е вработена, а ветувањата на властите за нејзино вработување исчезнаа. Ја посетив во септември, таа е прекрасна личност, заслужува подобра иднина. Живее од социјална помош од околу 80 до 100 долари месечно, што не е доволно. Кога филмот го обиколи светот, таа го направи секој Македонец горд, сега е наш ред да ја изненадиме со мал гест. Таа ги сака луѓето, ајде да ја израдуваме –појаснето е на страницата за донации, којашто ја креирала Мариа Дуда Дибаџио.
Според објавеното, околу 60 лица донирале суми од по десет, дваесет, педесет долари. Името на Атиџе се најде во центарот на вниманието на јавноста и во месец септември, кога туристичка агенција од Скопје започна да организира туристички тури до нејзиниот дом, за сума од 30 евра од лице. Тогаш од агенцијата за „Фокус” појаснија дека Атиџе била воодушевена од идејата, а поголемиот дел од средствата од туристите кои доаѓале за да ја запознаат и да им гледа на кафе, завршувале кај неа.
-Речиси 90 проценти од заработката одат кај Муратова, така се договоривме со неа и нејзиното семејство. Целта на туристичките тури беше запознавање и промоција на овој дел од нашите природни убавини – ни изјавија тогаш организаторите од „Enjoy Balkans” агенцијата.
И покрај овие обиди да се помогне финансиската состојба на ѕвездата од „Медена земја”, таа се уште не е вселена во новиот дом кој чека санирање. Поддржувачи на Атиџе на социјалните мрежи го споделуваат линкот за донации, во надеж дека на прагот на оваа зима, таа ќе успее да добие топол дом со помош на хуманите граѓани.