Врисоци, лелеци за помош, пламени јазици кои многу брзо се заканувале и навестувале дека се ќе изгори до темел. Буквално пет минути имале време, тие што успеале да се спасат во синоќешниот страотен пожар,во кој изгоре модуларната болница во Тетово. Потресно сведоштво на ќерка на преживеан во трагедијата. Ивана за Алфа ги раскажува неколкуте минути кои цел живот ќе ги памети.
-Извика некој, прво мислевме дека е смртен случај, потоа слушнавме „пожар, пожар“. Ги затворивме вратите од ходникот, отворивме прозорците и почнавме да ги кршиме. Едвај ги префрлиме преку прозорецот. На тие што не им требаше толку кислородна поддршка издржаа, на тие што им беше потреба веднаш се онесвестија. Јас бев последната што излезе од собрата на татко ми. Другите што останаа, што немаа придружба мислам дека починаа. Немаше време ни пожарникарите да реагираат, многу брзо беше, две минути. Имаше луѓе што подаваа раце што помагаа, вели Ивана.
Според досегашните официјални информации, во пожарот се загинати 14 лица. Причините се уште не се познати,се претпоставува дека пожарот избувнал како последица на електричната инсталација. Увидот траеше до пладне, а постојано дежура и противпожарна екипа. И пожарникарите сведочат за големата трагедија. Три возила и цела дежурна екипа гаснеле и се обидувале да евакуираат што повеќе пациенти.
Во Тетово е прогласена тридневна жалост, а општината ќе додели и финансиска помош на семејствата на загинатите во пожарот. Преживеаните во трагедијата згрижени се во ковид центарот на интерното одделение и се во стабилна состојба. Јавноста бара одговори, но и одговорност,а засега како што дознава Алфа,оставка дал само економскиот директор на болницата.