Пендаровски оцени дека ова е голем удар врз кредибилитетот на АНБ, на Владата, на претседателот и на државата воопшто. Тој рече дека или за овој случај ќе извлечеме одговорност до крај или повеќе нема да не гледаат со исти очи.
Ако се утврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, е одговорен за издавањето македонско државјанство на Олександр Онишченко, нема да оди амбасадор во Париз. Но, ако се покаже дека од луѓето во четирите сектори во АНБ, некој од нив е кабает, тој мора да биде сменет и да понесе одговорност.
Ова вечерва го порача претседателот Стево Пендаровски, во вчерашното гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Претседателот рече дека во случајот треба да се сконцентрираме на интерната истрага во АНБ, каде постојат четири сектори.
„Три се функционални, имаат засебна област во која работат. Четвртиот сектор во АНБ е за соработка со странски служби кои се наши партнери во НАТО. Тука имаме посебни тимови кои работат со сите, но најмногу со трите – четирите најсилни служби на земјите-членки на Алијансата. Ако е точно тоа што го знам, дека од сите тие сектори во АНБ, вклучително и овој сектор, тоа е голем удар за кредибилитетот за АНБ, на Владата, претседателот, државата, членката на НАТО“, смета Пендаровски.
За да знаете дека Онишченко е на црната листа на САД, наведе тој, не мора формално да ги прашувате ЦИА или ФБИ бидејќи црната листа е податок што е јавно објавен на интернет. Или ќе извлечеме одговорност од овој случај до крај, смета Пендаровски, или нема да не гледаат со исти очи.
„Ние мораме да ја извлечеме одговорноста до крај во рамки на овој случај, бидејќи е недозволено државата која има направено, дадено огромен придонес, мислам на САД, од нашата независност до денес, и денес, имаме документ од 2008 потпишан, ова лето го обновивме. Ако човеков се мешал во нивните внатрешни избори и работи кои се надвор од законот и е ставен на листа на санкции, популарно црна листа, со кои очи ние ќе излеземе пред Американците и ќе кажеме од утре повторно да соработуваме. Или ќе го извлечеме до крај процесот на одговорност по сите овие четири сектори или ви велам нас нема да нè примат, со исти очи нема да не гледаат ако не го направиме тоа“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека до него, а најверојатно и до Владата, имало реакции од амбасадата на САД од каде прашувале како е можно тоа да се случи.