Разговорите меѓу АА и СДСМ се одвиваат во добар дух и во атмосфера насочена кон постигнување договор. Ова го соопшти премиерот, Димитар Ковачевски, кој додаде дека целта на влегувањето на Алијанса за Албанците во Владата е да се формира мнозинство кое има јасен став околу европската иднина на земјава.
Запрашан за поделбата на колачот, премиерот негира дека имале проблеми за некој ресор.
Но, првиот човек на АА, Арбен Таравари вели дека финализирањето на договорот се очекува да се случи најдоцна до утре. Смета дека е некоректно да зборува јавно за ресорите што ги добил, сѐ додека не се осигураат целосно.
„Верувам дека денеска или утре договорот ќе биде конечно финализиран и тогаш официјално ќе го објавиме, и Владата, и Алијанса за Албанците. Мислам дека договорот треба да биде целосно завршен за потоа да го презентираме. Сметам дека би било некоректно да кажеме нешто, а утре да се промени. Така што, кога целосно ќе биде готов, ќе го изнесеме пред граѓаните“, вели Арбен Таравари, пренесе ТВ 21.
Според внатрепартиските извори, ТВ21 дознава дека Алијанса за Албанците ќе раководи со повеќе ресори и дирекции.
„Министерство за здравство, Министерство за правда, едно вицепремиерско место, заменик- министер за земјоделство, заменик-министер за одбрана. Царинска управа, Управа за јавни приходи и Финансиска полиција“ – пренесе телевизијата.
А во меѓувреме Алтернатива сѐ уште нема одлучено дали ќе остане или, пак, ќе се повлече од мнозинството, поради, како што велат, непочитување на договорот. И партијата на Гаши го чека конечниот договор меѓу Таравари и Ковачевски, за потоа да донесат одлука.