Вкупно 15 899 кандидати се пријавени за полагање на државната матура од учебната 2021/2022 година. Од нив, 7135 се ученици од гимназиско образование, 8504 од стручно и 260 од уметничките училишта.
Првиот екстерен испит – Мајчин јазик и литература ќе се полага в сабота, 4 јуни. Според податоците на Државниот испитен центар, за македонски јазик се пријавени 11 060, за албански јазик 4308 и за турски јазик 313 матуранти.
Полагањето на вториот екстерен испит е закажано за 13 јуни. Најмногу пријави има за англиски јазик – 14 320 кандидати, за математика се пријавиле 1231, за германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.
Резултатите од испитите треба да бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на вториот екстерен испит. Покрај екстерни, матурантите имаат и два интерни испита и една проектна задача.
Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација, која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми.
Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.
Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15 300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита лани беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48. (МИА)