петок, 1. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Владата донесе одлука за формирање Советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност

Владата донесе одлука за формирање Советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност

Владата на Република Македонија на денешната, редовна 79. седница донесе одлука за формирање Советодавно тело за давање на мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.

Како што соопшти владината прес-служба, претходно била усвоена информацијата за потребата од иницирање меѓу-ресорско, ад-хок тело како привремено решение, до донесување на нов Закон за здруженија и фондации, што е во фаза на изработка.

Оттаму посочуваат дека ова е преодно решение за барањата поднесени од страна на здруженијата и сите правни субјекти, кои во името имаат историска личност.

-Формираното тело ќе ги анализира поднесените предмети и на надлежните институции ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи, стои во соопштението.

Советодавното тело, како што наведуваат, е составено од седум членови, номинирани од самите институции и тоа д-р Билјана Ристовска-Јосифовска редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј‘‘ – Скопје, д-р Бобан Петровски, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје – за прашања од антички период и среден век, д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје – за прашања од нов и најнов век, Академик Драги Ѓоргиев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, Антонио Павлоски, посебен советник во Кабинетот на Министерот за култура, Билјана Мицковска, од Сектор за правни работи при Министерството за економија, Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука и Ана Трајчева – регистратор во Централниот регистар на Република Македонија.

Од Владата посочуваат дека во работата на ова тело по потреба може да бидат вклучени дополнително и други лица од граѓанскиот сектор и надлежните институции.

Најнови вести