Владата денеска на официјалната веб страна интегрално го објави предлогот на француското претседателство.
-Предлогот во кој се вградени забелешките на Владата од денеска е достапен за јавноста и ставен на широка консултација која започна утрово со состанок на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со членовите на владината коалиција, информираат од Владата.
Во текот на денот и во следните денови, Владата продолжува со транспарентно информирање на владината коалиција, сите засегнати страни и граѓаните за предлогот преку јавна дебата.
Ковачевски најави дека ќе се отвори процес на широки консултации, кој ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори.
– Со владината коалиција денескa разговараме за европскиот предлог врзан со евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија кој вчера пристигна во МНР и за процесот за консултација кој следи понатаму. Секоја одлука поврзана со предлогот ќе ја носиме заеднички и преку широк консултативен процес, напиша Ковачевски на фејсбук.
Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консулатации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.
Премиерот повика на одговорност од сите релевантни чинители во општеството, бидејќи, како што нагласи, шпекулации за важни државни и национални прашања не одат никому во прилог, наведува Ковачевски.
Ковачевски апелира до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите и побара конструктивност и поддршка од сите чинители за да се донесе мудра одлука во интерес на сите граѓани.