понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Владата одлучува дали ќе го тужи Влатко Лозаноски

Владата одлучува дали ќе го тужи Влатко Лозаноски

Владините служби денеска ќе одлучуваат дали ќе го тужат музичарот Влатко Лозаноски-Лозано кој што во саботата одби да настапи на прославата по повод добивањето на условната покана за влез во НАТО.

Лозано беше еден од четириесетината артисти, како што ги нарекува владата кои што требаше да ја забавуваат публиката. Тој требаше да да настапи во Охрид но пред концертот одлучил да не настапи затоа што најважна за него е публиката која што овој пат не ја поддржа најавата за негов настап на политички собир.

Во своето обраќање до јавноста Лозано вели дека е свесен за тоа дека може да биде тужен од страна на владата но е подготвен за сите последици.

За непочитување на потпишаниот договор Владата може да покрене тужба за непочитување на договорот при што Лозано и останатите кои одбија да настапат или се повлекоа во текот на настапот поради малиот број на публика ќе треба да платат високи пенали. Во владата се размислува и за опцијаата артистите кои бојкотираа само да ги вратат парите ако веќе ги добиле или да се согласат на писмено дека нема да ги бараат затоа што сами го прекршиле договорот. Неофицијално, владини извори велат дека ќе се направи обид за мирно надминување на проблемот затоа што Лозано е многу популарна и влијателна личност и Владата не треба дополнително да влегува во конфликти со јавноста пред референдумот за името, објави Прес24.

А Лозано со оваа порака на социјалните мрежи објасни зошто одбил да учествува на таканаречениот „НАТО фест“

Почитувани,
Должност ми е да ви се обратам вам, на мојата публика, и да се изјаснам за она што се случуваше во врска со настанот. Да, бев дел од листата на изведувачи, но одлучив да не присуствувам и не настапив во Охрид. Ова беше моја голема одлука, околностите не беа лесни и засегнати беа многу страни, но она што секогаш во прв план го ставам е публиката. До ова скалило до кое што сум дојден на музичката сцена е само поради вас и секогаш ќе биде само поради вас. Јас сум пејач, музичар и уметник и само поради такви причини сум прифаќал настапи пред публиката. Овојпат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам. Верувам дека ќе има многу убави музички настани во иднина каде ќе ја славиме музиката. Пред вас сум за да ве спојам меѓусебно преку музиката, а не да ве поделам. Никогаш не сум бил политички определен, музиката е таа што ме насочувала и ќе ме насочува во животот. Искажувам голема почит кон сите мои колеги и организаторите на настанот, но мене публиката секогаш ќе ми биде на прво место. Сите овие години ви дадов толку многу љубов вам, на моите фанови, и двојна љубов ми беше возвратена од вас, што никаква пречка нема да дозволам да се појави за тој круг да се прекине.
Свесно и одговорно стојам зад оваа одлука без разлика какви ќе бидат последиците.
Ви благодарам за големата поддршка цело ова време!
Со почит, Влатко Лозаноски-Лозано.

Најнови вести