На Владата „и гори под нозете“. Откако задоцни и тоа многу со подготовките за набавка на енергенси и струја за претстојнава зима, премиерот и министрите го заострија тонот кон новинарите кои им поставуваат прашања во име на граѓаните.
Откако премиерот Ковачевски не учеше дека топлинска енергија се добива со загревање на вода, а министерот за економија се обиде шеговито да одговори на предлогот на опозицијата дека „ќе сме биле најиновативна држава што ќе носи гас со авиони“, денеска Бектеши со нови „бисери“ кон седмата сила.
На прашањето на Телма држеше лекции што треба да прават уредниците, а матичната партија ДУИ ја нарече „демократска компанија“.
На легитимното прашање на Алфа пак, дали ќе се задржи летното сметање на времето дополнително се изнервира дека секој ден бил приморан да одговара на исти прашања и дека таква одлука требало да се донесе дури на крајот на октомври. Инаку на владината седница одржана на 9-ти октомври во Планот за фискална одржливост, јасно стои дека неговото министерство има рок од 7 дена да направи анализа и да ја извести Владата. Бидејќи рокот истекува утре, помисливме дека економија навреме си ја завршила работата и нема повторно во „5 до 12“ да биде донесена и оваа одлука, како што впрочем и вчера во последен момент, на ден до стартот на грејната сезона и беа доделени трите лиценци на ЕСМ.
„Не верувам ниту дека вашите уредници учествуваат во консултативните состаноци на ДУИ. По два саати ќе има Генерално собрание, ќе ве извести претседателот“
– Вашиот став кој е бидејќи не е кандидат за ниту едно тело?
„Па јас не знам дали е или не е член. Јас за себе не знам дали сум или не сум член. ДУИ е демократска компанија“ – одговори Бектеши на прашањето на Телма.
„Вака сега, мислам дека секој ден треба да одговараме на исти прашања. До 30-ти октомври е рокот до кога треба да се донесе одлуката. Ние како министерство за економија сме пратиле барање за мислење до сите институции, вклучувајќи го и МАНУ. Согласно нивните препораки, нивните сугестии и нивните анализи до крајот на месецот ќе се донесе таква одлука“ – одговори Бектеши на прашањето на ТВ Алфа.