Министерката за финансии, Нина Ангеловска се обидува со манипулации да ја покачи реализацијата на капиталните инвестиции на неспособната власт на СДСМ, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Имено, таа како покачување на нивото на реализација на капиталните инвестиции се обидува да го прикаже уплаќањето на 2 милијарди денари, односно 32,5 милиони евра на посебната сметка на државното претпријатие МЕР (Македонски енергетски ресурси). Овие пари не се наменети за никакви капитални инвестиции, туку за преуплаќање на истите средства на сметката на Макпетрол во врска со спорот со заедничкото претпријатие ГА-МА. Со ова само се потврдуваат сомнежите дека власта на Заев со фабрикување и манипулации на бројките се пумпаат резултатите за да се прикрие нивната неспособност и неработење, велат од партијата.
Реализацијата на капиталните инвестиции ако се земе овој факт во предвид воопшто не е ни приближно до 78%, туку реално се многу пониски.
-Џабе се ребалансите, џабе се кратењата на капитални инвестиции, џабе се префрлањата на сметки, народот виде дека оваа власт во своите 3 години не успеа да реализира ништо за интересот на граѓаните. Гледаме само раст на долгот, катастрофа во економијата и уништување на стопанството. Тоа ќе заврши после 12 април, кога оваа неспособна и манипулативна власт на СДСМ и Заев ќе заминат во историјата, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.