вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ и денес бара под итно да биде повлечена Националната годишна програма на Министерството за култура

ВМРО-ДПМНЕ и денес бара под итно да биде повлечена Националната годишна програма на Министерството за култура

И покрај вчерашниот неуспешен обид и вложениот огромен напор на ресорниот министер за култура, г-динот Роберт Алаѓозовски, со промовирањето на Стратегија и акцискиот план за културата да ја дефокусира пошироката културна јавност во Републиката и притоа да ги релативизира скандалозните решенија во Националната годишна програма за култура за 2018-та година, и притоа да ги амортизира реакциите на културните работници, реакциите не стивнуваат, велиРоберт Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Скандалозната Годишна програма за култура во целост ја отсликува хаотичната состојба во државата и неспособноста на владејачката гарнитура. Дали децентрализацијата на која се повикува министерството е всушност обид да се поткупи дел од уметничката сцена, што е крајно популистички и тоа не е и не смее да биде национален интерес во културата. Имено, министерството за култура сосема погрешно ја толкува децентрализацијата во културата која, евидентно, има намера да ја спроведе преку дисперзирање на ситни средства за реализација на проекти од крајно локален интерес. Но, дали наменски и неслучајно овие проекти се избрани, за истите да бидат дел од програмите на веќе доделените мега проекти како што се на пример, Опен Струмица и Бит фест Битола?! Дали овие проекти се во организација и реализација на одредени менаџери, култур-трегери и политички партиски активисти кои повторно треба да профитираат врз база на фиктивни и нереални проекти?! Анализата говори дека на овој начин, распределени се околу 200.000 евра или околу 60% од вкупно определени средства во ликовната дејност и кои изнесуват 350.000 евра. Дали поради овие причини, безмалку непознати уметници добиваат илјадници евра, а на бардот на македонската современа ликовна уметност, човекот кој е алфа и омега на концептуализмот, проф. Душан Перчинков, му се доделени, верувале или не, неверојатни 300 евра.?! Дали поради овие причини, Остен Скопје – друштво за новинско издавачка дејност, за 50–тата Светска галерија на карикатури Скопје 2018 и за својот 50 годишен јубилеј има добиено 2.000,000 денари, а за 70 годишниот јубилеј на Националната галерија на Македонија која има во владение три галериски простори, има одвоено само 500.000 денари?! ВМРО-ДПМНЕ прашува: Дали има и ако има, која е поврзаноста на Соња Абаџиева Димитрова, член на Советот за култура при Министерството за култура со Остен Скопје – друштво за новинско издавачка дејност, прашува тој.

Вељановски вели дека оваа програма не ги отсликува реалните потреби во културата, истата не е развојна и е насочена кон деградирање на културни установи со повеќе децениско културно живеење, како и фаворизирање на непознати лица, на сметка на професионалните уметници.

ВМРО-ДПМНЕ под итно бара да биде повлечена Националната годишна програма на Министерството за култура за 2018-та. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ, поради изготвување и објавување на ваква скандалозна годишна програма, наместо обиди за амортизирање, релативизирање, дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми произлезени од програмата, очекува Министерот за култура да понесе полна морална и политичка одговорност!

Најнови вести