ВМРО-ДПМНЕ ги повикува пратеничките групи и пратениците во Собранието на Република Македонија да го подржат Предлог-Законот за измени и дополнување на Законот за средно образование кои се доставени до Собранието. Овој предлог закон е во насока да се излезе во пресрет на барањата на средношколците кои во услови на КОВИД-19 пандемија, бараат бројот на предмети за полагање на матура да се скратат од 4 на 2 предмети и на тој начин да се прекине бојкотот на образовниот процес, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ до јавноста.
– Сметаме дека нивните барања се оправдани со оглед на фактот што образовниот процес се одвива во вонредни услови поради пандемијата, учебната 2020/21 година започна со еден месец задоцнување со скратени програми и скратено времетраење на училишниот час. Дополнително учениците во оваа учебна година немаа можност за реализација на целосна практична настава и поради отсуството на соодветни технички услови за следење на образовниот процес кај дел од нив, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека со ваквите измени не само што ќе се дефинира бројот на предмети за полагање, туку и ќе се утврди времетраењето на важноста на овој закон и потенцираат дека ваков сличен пример за измени на системите за полагање на испити се применети и во други европски земји како Белгија, Франција Обединетото Кралство, Ирска.
– Жалиме што министерството за образование и наука предводено од министерката Мила Царовска немаше слух да излезе во пресрет на објективните и оправдани барања на средношколците и затоа на овој начин ќе ја исправиме штетата од нивната ароганција. Очекуваме дека пратениците од владејачкото мнозинство и останатите пратенички групи ќе дадат поддршка на ваквиот Предлог Закон за измени и дополнувања на Законот за средно образование и на тој начин ќе овозможат непречен образовен процес во услови на пандемија, со цел ниту учениците, ниту родителите ниту образованието да трпат штетни последици и да не ни случи да губиме генерација средносшколци разочарани од системот и образованието, посочуваат од партијата.