Го повикуваме министерот за земјоделство да се смилува на маката на земјоделците и да одговори на нивните повици, да најде време да дојде во Струмичкиот регион и да се обиде да го реши проблемот со пласманот на пролетната зелка, рече Ромео Тренов, член на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција во Струмица.
Според Тренов, ВМРО ДПМНЕ во изминатиов период неколку пати предупредувале дека ќе дојде до драстично намалување на откупната цена на пролетната зелка што се покажало како точно.
– Наместо од 20 до 25 денари цената на пролетната зелка во овој момент изнесува само осум денари. Што е уште полошо имаме информации од земјоделците дека на некои откупни пунктови зелката се зема без цена, што остава простор да биде исплатена за уште пониска цена од овие мизерни осум денари, потенцира Тренов.
Додава дека ветувањата на власта за формирање интервентен фонд, кој ќе изнесува шест милиони евра, останл само мртва буква на хартија и ништо повеќе.
Според него, и ветувањата дека ќе се отворат нови пазари за македонските земјоделски производи не се остварени, а актелната влада, како што рече тој, успеала да ги затвори и тие што ги отворила владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.