Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ беше планирано да се изгради ново основно училиште „Крсте Петков Мисирков“ во населбата Ченто. Се работеше за проект за изградба на комплетно ново училиште, бидејќи во моментов учениците учат во простории кои се изградени во 60-тите години од средината на минатиот век. И верувајте дека и ќе беше реализирано, исто како што ја ветивме спортската сала и ја изградивме, истакна на денешната прес-конференција Живко Белчев, советник во Советот на Општина Гази Баба.
Се наоѓаме во ситуација, вели тој, кога градоначалникот Петре Шилегов сака да потроши не 5 туку 8 милиони евра за дислокација на веќе постоечки објекти како галиите од речното корито во Центар, а општина Гази Баба во моментов нема пари да одвои ниту за канализација во Јурумлери, ниту за изградба на ново основно училиште во населбата Ченто.
Белчев вели дека ова е класично недомаќинско работење. Ова е класично расипничко работење.
-Еве му порачуваме на Петре Шилегов 8-те милиона евра наменети за дислокација на галиите да бидат пренаменети за изградба на ново основно училиште во населба Ченто. Веднаш нека ги пренамени и ќе реши голем проблем и за учениците и за граѓаните од населба Ченто. Доколку не ги пренамени овие пари, зборот нема да биде повеќе збор како што велеа Ѓорѓиевски и Шилегов, туку зборот ќе биде лага, како што впрочем тоа го докажаа и многупати наназад. Доколку Шилегов сака да ги дислоцира галиите, тоа нека не го прави со парите на граѓаните, туку нека си го направи од сопствените доколку ги има, од кириите или ако си заработил. Граѓаните не заслужуваат нивните пари да бидат трошени за исполнување на лични хирови на Петре Шилегов и Борче Ѓорѓиевски, нагласува Белчев.