Јавноста очекуваше Алаѓозовски на денешната прес конференција да каже дека ја повлекува скандалозната годишна програма на министерството и дека заради морални причини да си дава оставка од функцијата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на Алаѓозовски во врска со Програмата за култура.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека наместо тоа, граѓаните виделе срамен обид да се дефокусира јавноста од катастрофалната распределба на буџетските пари.
-Алаѓозовски потроши десетина минути на празни зборови без да каже било што за занемарувањето на државните и национални установи со повеќе годишна традиција, за сметка на граѓански здруженија за кои јавноста прв пат слуша дека воопшто постојат. Тоа што денеска го презентираше Алаѓозовски е обичен политички памфлет, без вредност за културата. Памфлетот што го нарекуваат некаква стратегија не нуди никакво развојно и системско поместување и унапредување на културата. Најважниот сегмент на културата, дејностите од културата се површно третирани, без никаква визија. Оваа така наречена стратегија нема конкретни мерки или чекори, се вели во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека со денешниот срамен настап на Алаѓозовски дефинитивно се потврди дека оваа власт е комплетно безидејна и дека е крајно време тој да понесе одговорност за своето лошо менаџирање во културата.
-Доста од е од памфлети и привидна транспарентност, време е некој со сериозност и одговорност, но и со капацитет да одговори на барањата во културата, нагласуваат од партијата.