Република Македонија со СДСМ на власт ја завршува најцрната година во својата историја. Криминалната власт на аболицираниот Зоран Заев и СДСМ во изминатава година донесе само црнила и уназадување за македонските граѓани. Власта ги погази Уставот, законите како и волјата и достоинството на граѓаните. СДСМ насилнички и со уцени посегна кон менување на името на државата, националниот идентитет, јазикот, културата и историјата на Република Македонија, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат:
„Впрочем тоа беше и единствената работа на која беа фокусирани. Додека не бираа средства за менување на името, дозволија криминалот и насилството да владеат со улиците, а граѓаните да живеат во страв беда и сиромаштија. Граѓаните повеќе не се безбедни ниту во своите домови, ниту на своите работни места. Откако СДСМ е на власт, секојдневно сме сведоци на убиства, улични престрелки и грабежи. Власта се стави во заштита на криминалот, а за дополнително да ја загрози безбедноста на граѓаните на слобода пушти стотици криминалци кои сега слободно дивеат по улиците низ Македонија.
Алчноста и корумпираноста на власта нема граници. Додека власта сама себе си делеше тендери и грантови на владини функционери, граѓаните се повеќе осиромашуваа и следната година ќе ја дочекаат во неизвесност како ќе ја преживеат.“
Од партијата посочуваат дека ги покачија даноците, а трошоците за живот секојдневно се повеќе растат. СДСМ ја отвори спиралата на поскапување, ја покачија акцизата на дизелот и тоа резултира со поскапување на сите производи за живот па дури и на лебот.
-Неспособниот СДСМ успеа да ја забетонира македонската економија на дното во Европа. Не беа способни да реализираат ни 50% од капиталните инвестиции кои самите ги проектираа. И наместо да носат инвеститори тие почнаа да ги бркаат како постојните така и потенцијалните. Доказ за тоа е падот на 68-мо место на листата за водење на бизнис на реномираниот „Форбс“. Нема нови работни места, нема 500 евра просечна плата, нема 100.000 денари плата за лекарите, нема повисоки пензии, а нема ниту нови патишта, болници, детски градинки, студентски домови и факултети. Но затоа има вработување за членовите од семејствата на функционерите од власта и зголемување на семејните бизниси на аболицираниот Зоран Заев, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Потсетуваат дека СДСМ ветуваа итни мерки за почист воздух, а речиси две години не спроведоа ниту една мерка, а СДСМ ја смести Македонија на првото место како најзагадена земја во Европа, а Скопје во 10 најзагадени градови во Светот. Илјадници граѓани ги губат своите животи како последица на загадениот воздух, додека власта си игра игрички или си дреме на собраниска седница.
-Годината ќе се памети како најлоша година за земјоделците, хаос во здравството, образование и економија на дното, но и како година во која имаше драстичен раст на криминалот и корупцијата. Граѓаните на Република Македонија не ги заслужуваат овие црнила кои СДСМ ги нанесува. Ова зло кое СДСМ секојдневно го нанесува на граѓаните и државата мора веднаш да запре и затоа СДСМ мора да си замине. Само така земјава ќе почне да напредува. Затоа граѓаните многу скоро ќе го казнат СДСМ за сите злодела и ќе ја донесат зората во Република Македонија, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.