Пациентите болни од одредени видови рак оставени без терапија, власта не набавила медикаменти. 90 пациенти со колоректален, оваријален и цервикален карцином скоро цел месец не ја примаат препишаната биолошка терапија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата истакнуваат дека пациентите не добиваат конкретна информација кога ќе може повторно да ја добијат терапијата, која им е неопходна.
-Количините набавени преку Министерството за здравство се исцрпени, а Клиниката за Радиотерапија и Онкологија нема отворено нов тендер. Кога во прашање се тендери од кои профитира некој од власта се штанцаат огласи, а кога треба да се набави терапија за болните од рак, никој со прст не мрда. Со ваквиот развој на настаните, и неодговорноста кај власта се очекува дека до крај на месец мај ќе биде прекината и терапијата на 30 пациенти со метастатски меланом, со што директно се загрозува нивниот живот. Доколку власта наместо да работи продолжи да краде, и не ги извршува ниту основните работи во текот на наредните месеци ќе се исцрпат количините и за повеќе други неопходни биолошки лекови, вклучително и имунотерапија за над 150 пациенти со белодробен карцином, карцином на бубрег и карцином на дојка, се наведува во соопштението на партијата.
Оттаму додаваат дека неодговорноста и неспособноста на СДСМ и ДУИ директно загрозува стотици животи.