Целиот случај Рекет е режирана претстава во која Русковска обвинителството треба да направи се за да го заштити аболицираниот криминалец Зоран Заев. Шест месеци се развлекува постапката за да се прикријат трагите кои водат до раководството на СДСМ, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Русковска обвинителството истрагата ја водеше крајно непрофесионално и даде доволно време да се прикријат докази и да се влијае на сведоци. Истрагата заврши, а јавноста остана без одговори каде завршила Луј Витон торбата со 1,5 милиони евра, колку пари биле изрекетирани и кои се други бизнисмени биле опфатени од оваа криминално рекетарска банда. Без одговор остана и прашањето дали со парите од Рекет е финансирана кампањата на СДСМ и Стево Пендаровски за претседателските избори. Во медиумите и јавноста се појави информација дека жртвата во Рекет поседувала информации кои можат да го срушат Зоран Заев. Тоа е директна потврда дека Заев е длабоко вмешан во криминал за кој партизираното Русковска обвинителство не смее да отвори ниту една истрага. Секојдневно на површина излегуваат информации со кои се потврдува дека Рекет се води крајно непрофесионално, и се докажува спрегата на обвинителството со власта, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека јавноста дозна дека Катица Јанева не земала само 50.000 евра, туку 350.000 евра, а исто така и дека министерот за здравство Венко Филипче присуствувал на средби помеѓу жртвата и Боки 13 на кои очигледно не се разговарало за болници, туку за криминал.
-На сите им е јасно дека обвинетите Катица Јанева, Боки 13 и Зоран Милески се само пипците на октоподот, а главата е во врвот на СДСМ. Претставата која ни ја приредуваат власта и Русковска се прави за да не се дознаат нарачателите, тие кои му ја даваа силата на Боки 13 за рекетот. Правдата нема да биде задоволена доколку се казнат само овие три лица. Потребно е да се побара одговорност од сите кои им даваа ветар во грб на извршителите на рекетот. Граѓаните ја очекуваат вистината и очекуваат правда која власта на СДСМ не може и не сака да ја испорача затоа што до гуша се заглавени во криминал. Правдата во Македонија ќе дојде после 12 април кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе власта и ќе започне Обновата на Македонија, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.