Министерот за образование е целосно одлепен од реалноста. Неговата изјава дека ја почнуваат учебната година поподготвени од претходните би била смешна да не е трагична, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Почетокот на учебната година повторно ја изненади неспособната власт на СДС и ДУИ. За жал први септември ќе го дочекаме без учебници, без свидетелства за завршена претходна година, без главни книги за наставниците и многу други пропусти. Целосна неподготвеност. Очигледно оваа власт е зафатена со криминалот и корупцијата затоа се случува распад систем во секоја област. Најстрашно е што неспособноста и криминалот на власта паѓа на грбот на учениците, наставниците и родителите. Учебната година почнува без испечатени учебници за децата во прво, второ, четврто и петто одделение. Тоа е срамно и бедно. Власта која не пропушта навреме за себе да си набави службени возила, мебел, шкампи, виски и октоподи, не обезбедила навреме учебници за учениците. Очигледно криминалот е врвниот приоритет на оваа влада. Со учебниците прават пиши бриши, укинуваат предмети, тераат матни набавки и за жал ги забораваат најмладите. Уништувањето на образованието како да е целта на оваа власт, бидејќи дерогирање на образованието води кон забрзано уништување на државата, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова мора да престане, а најдобар начин е оваа антимакедонска власт предводена од СДС да си замине од власт, додаваат од таму.