Капиталните инвестиции за 7 месеци достигнаа едвај 30%, покажува платформата Капитални инвестиции. Владата повторно потфрла во реализацијата на расходите кои имаат развојна компонента и кои треба да ја придвижат економијата, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Според платформата, од 96 буџетски корисници дури 16 институции имаат 0% или блиску до 0% реализација на капиталните инвестиции. Меѓу нив се Управата за јавни приходи, Бирото за регионален развој, Агенцијата за стокови резерви, Државната изборна комисија, Државниот пазарен инспекторат и други. Околу 30 од институциите имаат реализација под 10%. Меѓу нив се Собранието, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Државниот инспекторат за труд и други. Најголема реализација на капиталните инвестиции од сите буџетски корисници има Агенцијата за разузнавање со над 98% реализација, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека дополнително, квалитетот на капиталните инвестиции не може да се види од бројката на реализација. Во капитални инвестиции, покрај патишта, училишта и болници, влегуваат и набавка на мебел и возила. Со ребалансот на буџетот, се зголемија токму ставките за набавка на возила и на мебел. Следствено, возилата на Владата и луксузното опремување на новото Министерство за политички систем ја билдаат и оваа слаба реализација, а сепак немаат никаква развојна компонента.
-Додека реализацијата на капиталните расходи потфрла, тековните расходи се реализираат сосема добро, покажува извештајот на Министерството за финансии за реализација на буџетот во јули. Платите и надоместоците се реализирани со 57%, трансферите со 55%. Заклучно јули направен е дефицит, или буџетска дупка, од 306 милиони евра. Ова е само 40% од 752 милиони евра буџетската дупка предвидена за годинава со ребалансот на буџетот, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.