Во Берово денеска се одбележаа 22 години од смртта на загинатите бранители во воениот конфликт 2001 година и две години од подигање на спомен обележјето на Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, кое во нивна чест го подигна општина Берово.
Во рамки на одбележувањето свежо цвеќе пред спомен обележјето на бранителите положија делегации од Единиците на загинатите Бранители, од Општина Берово, семејства на загинатите бранители, ОВР Берово, Организација на резервни офицери Берово – Пехчево , Здружение на воени инвалиди и Здружение на пензионери.
Пред присутните беше прочитан краток реферат за нивното дело и со едноминутно молчење им беше оддадена почит.
-Не постои поголема вредност, поголема доблест, од тоа да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко вткаен во опстојувањето на една држава. Со подигањето на спомен обележјето што засекогаш ќе ги избриша од заборав ликовите на загинатите бранители, беше истакнато во пригодниот реферат, при што беше напоменато дека неодамна, во знак на голема почит кон загинатите бранители, се преименувани имињата на четири улици.
Со преименувањето на улиците, како што додадоа од Општина Берово уште еднаш Општината им се поклонува и го овековечува споменот на хероите чии животи се вградени во темелите на нашата земја, која што е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва, дадена од многу нејзини херои, патриоти, наши браќа, синови, сопрузи, татковци и другари.
Потенцираа дека Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, пред 22 година застанаа во редот со Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп- Георгиев Беровски, Никола Петров Русински, Леонид Пецовски, Ацо Русковски и многу други херои, вградувајки се во континуитет на изградбата на независна македонска држава и чувајки го вечниот оган кој Беровчани, нивните сограѓани, нема да дозволат да избледи.