Претседателот на Собранието, Талат Џафери за четврток ја закажа седницата на која треба да се гласа доверба на Владата, откако вчера до него ваква иницијатива со потписи од 61 пратеник поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, АА и Алтератива, Беса и Левица. Потоа, според партиски информации, Џафери го повикал премиерот Зоран Заев на средба во Собранието, а таму беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев во четврток.
Од СДСМ за МИА синоќа потврдија дека Џафери го повикал Заев лично да го информира за поднесената иницијатива за гласање доверба на Владата и за следните деловнички чекори.
Откако беше поднесена иницијативата Кабинетот на претседателот на Собранието информираше дека е доставено Барање за гласање за доверба на Владата.
-Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, наведува Кабинетот на Претседателот на Собранието.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски претходно на прес-конференција ја најави иницијативата и кажа дека е потпишана од 61 пратеник, но оти исто така дека тие интензивно разговараат и со други пратеници.
-Доколку во моментов треба да се гласа доверба на Владата очекувам да има 61 плус односно во тек се интензивни преговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на Владата ќе ја потпишат повеќе од 61 пратеник, рече Николовски.
Во однос на формирање нова Влада или евентуални нови брзи избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е нешто што ќе се разговара после четврток.
-Треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се нашите програмски определби на сите што сакаат да се формира политичка влада или за брзи избори, рече Николовски.
Посочувајќи делови од образложението за гласање доверба, тој рече дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот“.
По поднесувањето на иницијативата на Фејсбук се огласи и премиерот Заев.
– За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите, напиша Заев.
Ново мнозинство во Собранието во петокот најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со првите луѓе и претставници на АА и Алтератива, Беса и Левица, по што тоа беше потврдено и од нив.
За во Собранието да се изгласа одлуката за изгласување недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.
Член 216 од Деловникот за работа на Собранието, пак, е наведено: „По поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути“.
Со член 217 е предвидено дека Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.