Во Охрид вечерва беше отворена првата канцеларија на иницијативниот одбор за формирање листа на независни кандидати „ОХРИД ПРЕД СЕ“.
Како што истакна Димитар Велјаноски, еден од иницијаторите, основната цел на оваа граѓанска иницијатива останува активното и масовно учество на граѓаните, со предлози за изработка на изборната програма и предлози за персонализација на изборната листа.
Граѓанската иницијатива, преку простории во неколку урбани заедници на територија на град Охрид, ќе им овозможи на граѓаните непосредно запознавање со оперативната методологија и концепт со кој „ОХРИД ПРЕД СЕ“ ќе го разбие сивилото на локалната политичка сцена и ќе го врати Советот на општината во рацете на граѓаните.
– Доволно гледавме како судбината на Охрид се управува од политичките центри на моќ во Скопје. Време е охриѓани во сопствени раце да ја земат иднината на својот град, изјави Велјаноски.
Просториите на граѓанската иницијатива „ОХРИД ПРЕД СЕ“ ќе бидат отворени за посети од граѓаните секој работен ден од 08.00ч. до 20.00ч. и согласно активните протоколи и ограничувања во време на пандемија.