Над 35 граѓански движења за в петок најавуваат втор протестен марш поради загадувањето на воздухот.
-Во исчекувања на првиот рок за исполнување од нашите над 100 барања – 31.12.2019, #ЗеленФронт на здружени над 35 граѓански движења, иницијативи, организира втор протестен марш, во петок, 20-ти декември, се вели во креираниот настан на Фејсбук.
Како што е најавено маршот ќе започне во 17 часот пред Министерството за животна средина, а ќе продолжи до Влада.
-Остануваме на улиците за да ги потсетиме на нашите барања, затоа што ова е прашање на живот или смрт, кое не смее да чека повеќе ниту момент! Се бориме за живот од ден за ден. Умираме во илјадници годишно од загаден воздух. Мутираме, пренесуваме на поколенијата болести поради сеопфатната загаденост во која живееме, во која се раѓаат нашите деца. Белите дробови ни се зацрнети, иако не сме сите пушачи. Живееме во време на еколошка катастрофа. Ние се бориме за живот, а имаме само декларации за заложби. Бараме да се исполнат основните предуслови за да се покаже дека навистина нашите животи значат, дека илјадници прерано починати и заболени се причина нашите животи да станат приоритет на оваа држава. Нашите над 100 барања се тие предуслови со кои власта ќе покаже дека навистина СМЕ приоритет, НИЕ, НАШИОТ ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ, посочуваат од граѓанските движења.
Оттаму нагласуваат дека нема компромис со барањето за чист воздух, нема изговори за непреземањето на мерки, нема пауза во борбата за здрава животна средина.