По што ќе ги паметиме првите 100 дена од мандатот на Градоначалникот Сашко Николов? Највпечатлив беше чочекот, кој целиот изборен штаб, во време на пандемија, го изигра на плоштадот во Штип, а развеселените пирови победници забавата ја продолжија во незаконски отворен угостителски локал, во време на забрана. Стоте дена ќе ги паметиме по единствените презентирани проекти, а тоа се санирана шахта и гипс картонски мост во централното градско подрачје, изјави на денешната прес конференција, Игор Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ.
– За првите 100 дена може и да му честитаме на Градоначалникот, затоа што призна дека неколку години градот тоне во нечистотија и е затрупан од диви депонии, кое го предизвика по итна постапка да ги промени директорите на јавните претпријатија. Во овој период Градоначалникот беше популарен и со неславната изјава за изучување на бугарски јазик во училиштата, која наликуваше на изјавата дадена од неговиот претходник, со кое докажа дека континуитетот за разнебитување на државата од СДС, активно продолжува, вели тој.
– На Градоначалникот не му беа потребни ни 100 дена, за да изврши масовна партизација и „вдомување“ на неговите блиски и финансиери во јавна администрација, за кое може да посведочи секој граѓанин кој деновиве влегол во општината. Може да набројуваме до бесконечно, но суштината е таа. Во првите 100 дена на Сашко Николов не видовме ништо друго туку кич, шминка, реваншизам, партизација, непотизам, класичен популизам. За среќа, кратко ќе трае, додаде Ефтимов.