Во организација на Здружението на информатичари на Македонија и Меѓународниот балкански универзитет, изминатиот викенд во Скопје се одржа 23. Македонска олимпијада по информатика, во чии рамки покрај натпревар за ученици од нашата земја, како и во претходните две календарски години беше организиран и натпревар од интернационален карактер.
На натпреварот на кој знаењата во областа на информатиката ги презентираа 22 ученици од нашата држава, беа доделени три златни, три сребрени и четири бронзени медали. Најдобри резултати покажаа Мартин Динев од Валандово, Благојче Павлевски од Прилеп и Андреј Величковски од Куманово. Освен признанија за постигнатите резултати, медалистите добија и пригодни подароци од Сорсикс, една од водечките ИТ компании во земјата која воедно е и еден од спонзорите на Олимпијадата по информатика.
Од Сорсикс велат дека на најдобрите македонски натпреварувачи им претстојат интернационалните натпревари што годинава се одржуваат во Словенија, Азербејџан и Грција.
На интернационалниот натпревар во рамки на Олимпијадата по информатика 2019, учествуваа педесетина учесници од Бугарија, Турција, Белгија, Србија, вклучително и од нашата земја, при што првото место им припадна на двајца ученици од Турција, информираат од Сорсикс.