петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Собранието нова 75. седница

Во Собранието нова 75. седница

Собранието денеска почна со работа по нова 75. седница, на која на дневен ред се три точки и тоа Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година, измени на Законот за работни односи и продолжување на кризната состојба на дел од територијата на државата поради мигранти.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара дневниот ред да се дополни со точка за предлогот предложен од Република Франција во врска со спорот меѓу Република Бугарија и нашата држава околу почетокот на преговорите со Европската унија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го стави предлогот на Мицевски на гласање, бидејќи нема доставено материјали по тоа прашање за да се дискутира во Парламентот.

Пратеникот Мицевски рече дека не е точно дека нема материјали за неговиот предлог.

– На 24 јуни 2022 година се поднесе документ до архивата со кој се бара итно разгледување на заклучоци на ЕУ за Западен Балкан на првата наредна седница, рече Мицевски.

Пратеникот од Левица Димитар Апасиев побара дневниот ред да се дополни со Интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот Џафери рече дека предлогот на Апасиев нема да се стави на гласање оти не се совпаѓа со деловничките процедури.

Координаторот Мицевски во процедурална забелешка рече дека бара еден час пауза за претседателот Џафери да подготви одговор на неговото барање.

По ова, претседателот Џафери даде пауза од еден час. Седницата треба да продолжи по 14 часот.

Најнови вести