среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Собранието продолженија на три седници

Во Собранието продолженија на три седници

Пратениците претпладнево усвоија неколку предлог-закони, во прво читање и годишни извештаи во рамки на продолжението на 45-тата седница.

На првото читање на Предлог-закон за дополнување на Законот за животната средина, предложен од пратениците од владејачкото мнозинство Ненад Коциќ и Маја Морачанин, предлагачите објаснија дека се работи основната цел на предложеното законско решение е забрана на ново градење или реконструкција на инсталации од тешка и загадувачка индустрија (Г1) во населено место или заштитно подрачје.

-Да се одреди со закон дека не може да се градат инсталации од тешка и загадувачка индустрија (Г1) на помалку од пет километри од населено место или заштитно подрачје, се со цел да се заштити животната средина, а со тоа и здравјето на граѓаните. За жал, ние се соочуваме со една состојба, со ширењето на градовите, како случајот со Скопје, инсталации од тешка и загадувачка индустрија, кои во минатото биле далеку од населените места, со ширењето, сега да се практично до живеалиштата на луѓето, појасни Морачанин, која побара од пратениците да го поддржат предлог-законот.

Пратеникот од опозицијата Миле Лефков во реплика побара од предлагачите појаснување зошто во еден од членовите стои градење или реконструкција на нови инсталации од тешка и загадувачка индустрија (Г1), што според него, така напишано, не ги опфаќа старите градби.

-Не може да станува збор за реконструкција на нови инсталации. Доколку сакате да ги опфатите сите оние инсталации кои порано биле градени надвор од населените места, треба да го отстраните зборот нови. Ако остане вака како што е, ќе се однесува на градење и реконструкција на нови, а притоа ќе останат старите инсталации кои се наоѓаат во населените места. Затоа, сметам дека зборот нови треба да се отстрани од предлог-законот, рече Лефков.

Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ објасни дека секоја реконструкција на стара фабрика се смета како отворање на нова, и оттаму зборот нови реконструкции.

-Таа формулација во законот е напишана уште во 2013 година, подготвен од 24 невладини организации, кога се боревме против рестартирањето на топилницата во Велес. Доколку во 2013 година се донесеше овој закон ќе се спречеше загадувањето со тешка индустрија, особено во Пробиштип и Кочани, рече Коциќ.

Собранието ги проследи и годишните извештаи за 2020 година за работата на Судскиот совет, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавно радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија.

По завршувањето на продолжението на 45-та седница, дадена е пауза, по која Собранието треба да ги продолжи 50-та, а потоа и 51-та седница.  (МИА)

Најнови вести