Во Собранието на Република Македонија седници денеска ќе одржат комисиите за економски прашања, за финансирање и буџет, за политички систем и односи меѓу заедниците, за образование, наука и спорт, за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за економски прашања ќе го разгледа Извештајот на Законодавно-правната комисија, по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија во второ читање и предлог законите за финансиска поддршка на инвестиции и Законот за Државен пазарен инспекторат во прво читање.
На седницата на Комисијата за финансирање и буџет во второ читање ќе се разгледа Предлог – законот за пријавување и евиденција на обврски.
Пред Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред се Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судовите и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија во прво читање.
Комисијата за образование, наука и спорт ќе расправа по Предлог – законот за Математичко-информатичка гимназија во второ читање.
Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност ќе ги разгледаат Предлог – законот за меѓународна и привремена заштита во второ читање и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во прво читање.
Законодавно-правната комисија ќе расправа по Предлог – законот за пријавување и евиденција на обврски, Предлог – законот за математичко-информатичка гимназија и Предлог – законот за меѓународна и привремена заштита, сите во второ читање.