Вработените во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија во врска со немилиот настан во кој беше физички нападнат Претседателот Бислимоски го изразуваат својот револт и негодување и најостро го осудуваат нападот.
– Имено, физичкиот напад врз Претседателот Бислимоски го сметаме како директен напад и притисок врз работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, но и врз системот на регулирањето на енергетските пазари во Република Македонија кој е воспоставен и успешно функционира од 2003 година. Ваквото нецивилизирано и дивјачко однесување на учесникот на енергетскиот пазар во 21-от век е недозволиво особено за нас како земја аспирант за влез во ЕУ, велат вработените во РКЕ во соопштението до јавноста.
Тие посочуваат дека претседателот Бислимоски, претходно вработен во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија од 2004 година помеѓу своите колеги важел за голем професионалец, без ниту една дамка во своето работење и човек спремен секогаш и секому да помогне.
– Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија постапувала и ќе постапува во согласност со законите, а врз основа на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија три последователни години е прогласувана за најдобро регулаторно тело во рамки на Енергетската заедница и ниту еден ваков недоличен настан не смее да го загрози интегритетот и угледот ниту на Претседателот, ниту на институцијата. Бараме надлежните институции да ги преземат сите законски мерки кои се во нивна надлежност и сторителот (сторителите) на ваквото дело најстрого да го санкционираат, додаваат вработените.