Пратениците денеска втор ден ќе расправаат по Дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот за 2019 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари, а дефицитот останува непроменет и е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари.
Со ребалансот се предвидува намалување на приходната и расходната страна за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто, се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.
Целта на ребалансот е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ). Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.
Намалување има на позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.
Со ребалансот се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, дополнителни средства во износ од 560 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари, за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување и 815 милиони денари за Фондот за пензиско и здравствено осигурување.
Предлогот вчера го образложи министерката за финансии Нина Ангеловска, која рече дека неговата цел е да се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми економски ефекти, односно повеќе пари кај граѓаните и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплата на повисоки плати.
– Од овој Ребаланс, за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани и конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот мојДДВ. А ова не е единствената придобивка од овој проект, зашто преку мојДДВ граѓаните директно ја помагаат борбата за намалување на сивата економија, истакна минисерката.
Потенцира дека текот на реализацијата на Буџетот во изминатиот период од годинава ја наметна потребатa од незначителна корекција на приходната и расходната страна на Буџетот, но исто така реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции. Како што посочи, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО. Потсети дека веќе започна исплатата на зголемените плати за пет отсто плати во здравството, во образованието, во градинките, во полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација.
Во текот на вчерашната расправа пратениците од опозицијата порачаа дека ребалансот е популистички, а оние од власта, пак, рекоа дека е развоен и оти ќе помогне за поголема реализација на капиталните инвестиции. Расправата најмногу може да трае пет дена.