Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека од почетокот на годинава приливот на илегални мигранти од територијата на Македонија е зголемен за четири пати, а од територијата на Бугарија за 3,6 пати.
Вучиќ рече дека од почетокот на годината властите на Србија спречиле речиси 46.000 илегални влезови од Северна Македонија и дека презеле два вида мерки за спречување на илегалната миграција.
„Почнавме да ги укинуваме бесплатните визи за одредени земји од кои дојдоа значителен број мигранти. Досега го завршивме со четири земји и тоа Тунис, Бурунди, Гвинеја-Бисао и Индија. Toa е во согласност со она што од нас го бара ЕУ, за тоа зборуваа Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел“, рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со унгарската претседателка Каталин Новак по посетата на српско-унгарската граница кај Сегед. (МИА)