Бугарскиот европратеник од редовите на опозициската ГЕРБ, Андреј Ковачев, во теливизиско интервју го посочи како спорен и празникот 11 Октомври, во релациите меѓу Бугарија и Македонија.
– На пример, таму сѐ уште е како празник, како што го нарекуваат, кога пукнала првата пушка против Бугарите во октомври месец. Ако ништо не смениш од претходниот режим на Титова Југославија не може со истата идеологија да влезеш во ЕУ, зашто таа идеологија е директно насочена против друга земја членка на ЕУ – изјави Ковачев на БТВ.
Тој истакна дека образованието не би требало да се заснова на омраза.
-Ние треба да сме заедно, како рамноправни членки на ЕУ, но нашите млади поколенија не треба да стекнуваат образование кое води кон омраза меѓу нив. Тоа не можеме да го прифатиме, тоа е основна европска вредност, дел од основните Копенхашки критериуми – изјави европратеникот.
Според него, треба да се намали говорот на омраза, што доаѓа од учебниците, медиумите и академските средини во Македонија.
-Образовниот систем и медиумите во С еверна Македонија треба да почнат да ја објективизираат нашата заедничка бугарска историја. Тоа е во името на нашата заедничка европска иднина. Нема како да ја поддржиме сегашната идеолошка основа на Северна Македонија – додаде Ковачев.