Во првите два месеци од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 MW за производство на електрична енергија од обновливи извори кои се стекнаа со лиценци за работа од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Кумулативно ако се анализираат бројките, од кога се регистрира тренд на зголемен интерес за инвестиции во обновливи извори, за само 14 месеци РКЕ има издадено лиценци за 355 фотонапонски централи, со чија вкупна инсталирана моќност може да се задоволат потребите за електрична енергија на домаќинствата со просечна потрошувачка од осум градови низ државава.
-Сведоци сте дека интересот за изградба на фотонапонски централи рапидно се зголемува од месец во месец. Последните податоци заклучно со февруари покажуваат дека за само 14 месеци (1 јануари 2022 до 28 февруари 2023) во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181.2 MW од обновливи што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно со овие капацитети од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св Николе, Ресен и Дојран, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.