Сите шест влезови на паркингот на спортската сала „Борис Трајковски“ вечерва се затворени од полицијата. Ова се случува непосредно пред утрешната трибина на СДСМ, која треба да се одржи во оваа сала, а откако денеска имаше дојава за поставени бомби, пренесува А1он.
Објектот е под целосна полициска опсада, најверојатно поради безбедносна проценка на МВР, а со цел, ако утре има дојава, да не мора присутните да се вадат надвор од трибината.
Сите кои ја користат салата за вежбање, услугите за крос-фит, но и оние кои дошле да ги посетат продажните салони, реагираат поради блокадите кои ги поставила полицијата. Дел од нив и гласно коментираа дека тие треба да губат време и нерви, за да СДСМ непречено си држи трибини, додава порталот.
Досега ова е првпат да се примени ваква мерка на обезбедување на објект по дојави за бомби. Ова не беше направено ниту во училиштата каде десетици пати имаше дојави за лажни бомби, а учениците трпеа и психолошки последици поради постојаните евакуации од страна на полицијата.
„А1он“ побара одговори и од МВР дали на овој начин сакаат да спречат евакуација ако додека трае трибината стигнат дојави за бомби, а оттаму најавија одговор за подоцна.