Владата не знае од каде е добиена бројката од двесте илјади граѓани и семејства на кои вчера премиерот Заев најави дека ќе им го прости долгот од 110 милиони евра за струја, објавува Алфа.
По оваа изјава јавноста жестоко реагира на социјалните мрежи. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски ни изјави дека точни проценки немаат за тоа на кои семејства, од кои делови на Македонија ќе им бидат простени долговите, ами само дека станувало збор за добра волја. Анализите, вели, биле во тек. Од каде тогаш бројките? Бошњаковски претпоставува дека постоеле некакви информации за должници за кои веќе се активирале извршителите, ама прецизно извор не даде.
-Премиерот кажа дека постои добра волја кај ЕЛЕМ и ЕВН, а механизмите за тоа како би се извело и сите други анализи прецизни ќе се прават понатаму. Немаме за сега анализа конкретна со прецизни бројки, вели Бошњаковски.
Како е возможно да се излезе со бројка, па и со конкретен износ во пари, ако не постои анализа, а за тоа Владата и отворено признава?
Во ситуација кога се најавува ваква мерка, во пресрет на претседателски и евентуално предвремени парламентарни избори, без соодветна аргументација, може да се толкува како популистичка мерка за добивање на гласови.
Токму вака ја нарече оваа иста влада во 2014 година мерката за отпис на долгови за социјалните случаи што тогаш ја најави премиерот Груевски.
Тогашните експертски анализи пред повеќе од четири години ја оценија мерката како „класична коруптивна“ во битка за гласови, па и како комунистичка, оти „граѓаните требале да бидат благодарни на дарежливоста на власта со тоа што ќе гласаат во нејзина полза“.
И сега експертските мислења се критични. А најжестоки се граѓанските реакции на социјалните мрежи. Граѓаните уште еднаш се почувствуваа обесправени, велат зошто никој не се сети на редовните плаќачи на сметки кои тоа го прават секој месец без разлика дали имаат пари или не?