Веќе слушнавте, поголемиот дел од членовите на претседателството вклучувајќи ме мене како потпретседател и меѓународниот секретар на ИНТЕГРА МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА, потоа носителот на петтата Изборна единица, координаторот на ИЕ 6, како и бројни носител на различни функции во рамките на претседателството но и во лидерските тимови на ИНТЕГРА одлучивме од денес да поминаме, да се интегрираме во ВМРО-ДПМНЕ. Покрај членовите од претседателството, во ВМРО-ДПМНЕ поминуваат поголемиот број претседатели и членови од ОК на ИНТЕГРА од Карпош, Центар, Битола, Штип, Велес, Демир Хисар, Ресен, Новаци, Могила а таква најава има и од поголем број други ОК, денес за медиумите изјави Воислав Зафировски, потпретседател на ИНТЕГРА.
Тој истакна дека причината е многу едноставна.
-Сите ние сме со десничарска политичка ориентација, ние до сега ги застапувавме и ги застапуваме либертаријанските принципи кои подразбираат слобода на мислата, слобода на иницијативноста, владеење на правото подеднакво за сите и се разбира бескомпромисна борба против криминалот во сите негови појавни форми, вели Зафировски.
-Деспотскиот однос на лидерот на ИНТЕГРА Љупчо Ристовски и неговата фикција дека тој е пророк и месија испратен од Бога и неговата фикција дека ќе ја спасува Македонија на еден волшебен начин, ги сруши сите либертаријански принципи за кои заеднички се боревме и настапувавме. Едноставно партијата ја претвори во трговско друштво каде што тој е трговец поединец, ја претвори партијата во некаква секта каде што тој самиот е партијата. Простете, меѓутоа во такви околности, во такви услови ние одбиваме да работиме и да се декларираме како дел од таа ИНТЕГРА. Затоа сакам да нагласам дека сите се определивме да преминеме во ВМРО-ДПМНЕ и оттука испраќаме повик до сите оние десно ориентирани политички партии, па и оние кои не се десно ориентирани да ни се придружат да направиме блок кој ќе ја реализира онаа идеја која беше присутна уште пред изборите. А таа идеја беше да се сруши оваа власт која ја обезличи и обесчести Република Македонија. Затоа повикот е отворен, затоа прифативме да бидеме дел од опозицијата а не дел од власта. Морам да напоменам дека Ристовски и ИНТЕГРА за жал во која и ние дадовме придонес во изборниот период изработија за актуелната власт, посочи потпретседателот на ИНТЕГРА.