На 17 и 18 мај во Охрид се одржа четвртиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања, формиран согласно Преспанскиот договор, информираат од Министерството за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека делегациите од македонска и грчка страна во конструктивна и колегијална атмосфера извршиле детална и сеопфатна ревизијата на наставните планови по историја, учебниците и учебните помагала по историја кои се во употреба во двете земји.
– Гореспоменатиот материјал треба во најкус можен рок да биде ослободен од какви и да било иредентистички и ревизионистички референци. Врз основа на Преспанскиот договор и во согласност со целите и принципите на УНЕСКО и на Советот на Европа, беше усвоена методологија, опишана во заклучоците, за ревизија на наставните планови и учебниците. Двете делегации се согласија да го поттикнуваат вклучувањето на повеќе содржини од областа на културата и уметноста во образованието со цел градење на позитивна слика за другиот – стои во соопштението.
На состанокот воедно се постигнала согласност за временската рамка за примена на наодите на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања и доставување на релевантните препораки до Советот за висока соработка.