среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Заврши претпоследниот ден од амандманската расправа по Предлог-буџетот, продолжението закажано в понеделник

Заврши претпоследниот ден од амандманската расправа по Предлог-буџетот, продолжението закажано в понеделник

Собраниската комисија за финансирање и буџет вечерва ја прекина амадманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година и продолжението го закажа за понеделник.

Денешниот, шести ден од амандманската расправа, помина во разгледување на амандмани од кои повеќето се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и на водоснабдителни системи.

Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма. Со еден се бараше пренамена на финансиски средства во Министерството за транспорт и врски кои ќе бидат наменети за изготвување на техничка документација за изградба на технички пат до депонијата во општина Новаци, а со друг да се одвојат средства за проширување на улицата од плоштадот во Штип до мостот кај хотелот Оаза со што ќе се олесни сообраќајот во ударните термини и ќе се зголеми безбедноста на пешаците. Беше прифатен и амандман од опозицијата со кој се бараше да се реализира проект за алтернативни извори за водоснабдување на Охрид.

Во текот на попладневниот дел од расправата беа повлечени неколку амандмани од страна на предлагачите.

Во понеделник е последниот ден од амандманската расправа по што Предлог-буџетот треба да оди на пленарна седница.

За Предлог-буџетот беа поднесени вкупно 263 амандмани од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година. (МИА)

Најнови вести