Во Кривичниот суд за денеска закажани се рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“, „Тендери“ и „Тотал“.
На рочиштето за „Тенк“ треба да бидат дадени завршни зборови на обвинетите во овој процес, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.
Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.
Груевски, Јанкулоска и Поповски се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.
Според СЈО, Груевски како премиер побарал од Јанкулоска да определи лице кое ќе спроведе незаконска јавна набавка за ново блиндирано возило, а се фаворизирала фирмата „Мак Аутостар ДООЕЛ“. За да го исполни барањето Јанкулоска го ангажирала Поповски и двајцата ја злоупотребиле службената положба и овластување. МВР направило набавка на возилото кое требало да и биде дадено на Владата, но според обвинителниот акт, било набавено затоа што Груевски сакал да се вози во такво возило, но не сакал јавноста да знае за тоа.
Тројцата обвинети во овој предмет се изјаснија дека не се виновни за кривичните дела за кои ги гони СЈО.
Судењето за „Тенк“ почна на крајот на јануари годинава.
Ново судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, а се однесува на тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки. Дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип.
На последното рочиште во судницата во Кривичниот суд се слушаа пет прислушувани разговори, кои СЈО ги предложи како доказ во овој случај. Од петте разговори четири се од 2011 година, а еден од 2013, а во нив зборуваат Канческа-Милеска, Миле Јанакиески, Илија Бреслиски и Гордана Јанкулоска.
На обвинителна клупа во Судот денеска треба да седне и новинарот Драган Павловиќ-Латас, кој е осомничен во предметот „Тотал“.
Претходните три рочишта за овој случај не се одржаа, бидеќи не присуствуваше Павловиќ-Латас поради здравствени и семејни причини.
Според обвинението на СЈО, осомничениот давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично физичкото лице затаило 3.876.471 денар или 63.032 евра.
(Миа)