Еве оставам резерва дека може и да не е уценет од стегите на моќ на Зоран Заев.
Но факт е дека егото му е преголемо.
Толку моќ дадена во партијата долги години наназад за потоа да избега како прв кукавица, свесен за она што го следува… Ќе се посветувал на адвокатурата, па си поднесе оставка од пратеничката функција кога извесно беше дека името на државата ќе се менува во собрание…
Епа блескава кариера изгради во адвокатурата и сега пак политичар станал. Или така барем пишува на неговата фејсбук страна:
Никола Тодоров- Политичар!
Епа политичару Никола Тодоров, вака сега….
Ќе започнам од твојата трета точка на твоето обраќање кон членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ:
Кога велиш дека “Или ќе останеме робови на минатото или ќе покажеме храброст и визија за иднината”,
-се надевам дека си свесен дека како долгогодишен висок партиски и функционер на партијата на највисоките државни функции во минатото и ти си дел од тоа минато.
Особено како предводник на диктаторскиот елемент во државниот апарат и партискиот конгломерат во кој што не се знаеше што е партија а што држава.
Твојата квалификација дека партиски членови “очи си ваделе”, е повеќе провокативна за сеење раздор и немир помеѓу членството отколку реална и базирана на реална состојба која е присутна на терен.
Партиските членови на ВМРО-ДПМНЕ во моментот единствено што прават е што преживуваат прогонети од репресивниот апарат на Зоран Заев кој е во мисија да уништи се што не размислува со неговата глава. И тоа е главниот и единствен проблем на било кој искрен и лојален партиски член на ВМРО-ДПМНЕ.
Како тоа ти во име на партиски членови констатираш дека проблемот во партијата бил Мицкоски? Со кои аргументи, со кој легитимитет? Или пак тоа го правиш поради твоето големо и незаменливо искуство?
Разбери веќе еднаш дека не мора секој партиски член да размислува со туѓа глава (твојата во моментот кога смислуваш такви квалификации во име на партиски членови).
Во однос на втората твоја точка од обраќањето кон членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ мислам дека си доволно искусен како политичар за да правиш разлика меѓу реализирано парламентарно мнозинство и “во резговори сме за создавање на ново парламентарно мнозинство”. Но познавајки ја психологијата на таквите како тебе, тебе не ти е важна суштината на напорите на актуелниот врв на ВМРО-ДПМНЕ за соборување на власта на Зоран Заев, туку по твоите постапки поважно ти е да бидеш инструмент во рацете на Зоран Заев (без разлика свесно или несвесно).
Заев секако е тргнат да си оди од власт, а тоа тебе ти е повеќе од јасно. Паниката која ја манифестираше вчера Зоран Заев со неговиот “мачо” настап од говорницата на собранието е доволен приказ за неговата немоќ и одмината вредност. Искусни политичари како тебе по говор на тело можат тоа да го воочат. Проблемот е што во идната власт нема место за тебе!
Во однос на првата твоја точка од твоето фејсбук обраќање, во право си дека владата на Зоран Заев- опстана. ДА.
Што направи ти, Никола Тодоров, како деклариран голем вмровец тоа да не се случи? Дали ја понуди својата експертиза и минато искуство градено врз грбот на членовите на месните комитети ширум државата на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ?
Или пак преку твоите јавни настапи ги критикуваше политиките на Зоран Заев и неговата партиска номенклатура?
Што направи ти Никола Тодоров во таа насока?
Освен што “пееше” песна Мицкоски, Мицкоски, Мицкоски…?
Никола Тодоров-политичару, на крајот од твоето вчерашно обраќање кон членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, кога го спомнуваш минатото на кое според тебе не треба да бидеме робови, кажи во јавноста, со кое право лично ти како шеф на РИШ организираше партиски состаноци во зградата на Владата на Република Македонија. Кажи што и ден денес мислат за тие состаноци најкапацитетните партиски членови, кои мораа лично за тебе да бидат на готовс во секој момент од денот, понекогаш и во 02.00 по полноќ за да ти станеш Министер за здравство.
Исто така кажи по колку часови те чекаа најбрилијантните членови на партијата за ти да дојдеш на состанок, за на состанокот од 25 минути со тебе, ти 15 минути да гледаш во телефон? Прашај јавно во наредниот твој статус на фејсбук, што и ден денес мислат за тие состаноци НАЈБРИЛИЈАНТНИТЕ членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ кои поради твоите диктаторски изблици на моќ пополека почнаа да се дистанцираат од партијата.
Кога ќе одмараш од твојата главна преокупација за напад на актуелниот Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, напиши еден статус и за “операцијата 1+3” во која ти заедно со твојот тим од Министерството за здравство им наметна на сите партиски членови да мораа да ги зачленуваат во партијата сопствените изнемоштени старци за ти да се покажеш во успешно светло во очите на Никола Груевски.
Кажи како пред оваа “славна операција” секој вработен во јавната администрација мораше да ти доставува список со 10 сигурни гласачи а раководителите по 30 сигурни гласачи за ти да бидеш Министер за образование….
За Пржинските преговори не мора да зборуваш, зошто денес сите ние ги живееме “благодетите” на тој твој личен ангажман.
И не бери гајле дека поради овој мој текст ќе бидам цел на актуелниот државен репресивен апарат, затоа што во СДСМ денеска оперираат луѓе од “твојата школа” со истите твои методи на репресија и билдање на гласачко тело. Методи осудени на пропаст!
“Крвта на Македонскиот народ ја испивте”. Без разлика и на вмровците и на сдсмовците ти и таквите како тебе, кои за да седнат во министерската фотелја се подготвени на се.
Политиката од инструмент на народот ја претворивте во инструмент за билдање на сопственото его и моќ.
Човек со твој кредибилитет и историја има најмалку легитимитет да зборува за иднината. Помири се со тоа!
Во право си дека е време да се ослободиме од робовладетелите од минатото од тој робовладетелски систем во кој ти беше првенец.
Пишува: Кирчо Анастасов за Брегалнички.мк