– Во врска со повторното одлагање на гласањето на Уставниот Суд за уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, би сакале, како Здружение на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи“, да изнесеме неколку факти кои одлагањето на произнесувањето го прават депласирано. Вмешувањето на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во оваа иницијатива е апсурдно и сосема непотребно, по што веќе станува видливо и за јавноста она што за нас е одамна јасно. Уставниот Суд е под страшен притисок. Тој притисок се спроведува преку одредени судии кои, за жал, по заслуга, но не и според својот квалитет, се избрани во највисокиот суд којшто треба да ја заштитува уставноста и законитоста во државата. Тешко на таа уставност и законитост кога за неа треба да одлучуваат судии „по заслуга” кои одработуваат, место да ги оценуваат уставноста и законитоста, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
— Но, да се задржиме на фактите, или поточно да образложиме зошто е невиден апсурд за некаков судир на интереси на уставните судии да одлучува ДКСК. Прво, начелно и принципиелно, го поставуваме прашањето дали ДКСК има законска надлежност да цени за судир на интереси на уставен судија при оценка на уставност на ЗАКОН? Бидејќи ДКСК има надлежност врз извршната власт, а не врз судската власт! На пример, изземање на судија од Основниот суд не се бара од ДКСК, туку од претседателот на Основниот суд. Тоа е така бидејќи судската власт е независна од извршната власт. Понатаму, колку што нам ни е познато, законот е општ акт којшто се однесува на неопределен број на луѓе, поради што важи за сите уставни судии како граѓани. Исто како што важи и за сите други граѓани. Прашуваме, дали тоа значи дека сите судии за секој закон, бидејќи тој важи лично за нив, имаат судир на интереси и не можат да одлучуваат по иницијативи за оценка на нивната уставност? Или да го поставиме прашањето поинаку, дали, според оваа логика, ВООПШТО НИ Е ПОТРЕБЕН УСТАВЕН СУД, со оглед дека за законите, кои како општи акти што важат и за нив, поради судир на интереси, уставните судии не можат да оценуваат дали се во спротивност со Уставот, прашуваат од здружението.
Тие посочија дека за еден од судиите биле пласирани јавни информации дека бил во релации со еден од главните акционери во Еуростандард банка, Коста Костовски. Член 163 став 3 од Законот за банки гласи: „Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители”.
– Се поставува прашањето, каде во член 163 став 3 е споменат Коста Костовски или Еуростандард банка? Дали оспоруваната одредба од Законот за банки се однесува само за Еуростандард банка и за Коста Костовски или за сите банки? По таа логика, бидејќи секој од судиите зема плата преку некоја банка, имаат ли сите судии судир на интереси затоа што законот важи и е поврзан со сите, вклучително и со „нивната” банка? Слушнале ли во Уставниот Суд за терминот “in apstrackto”? Бидете сериозни Ве молиме, сепак тоа е Уставен Суд. Исто така пласирана е дезинформација дека судијата имал депозит во Еуростандард банка поради што имал конфликт на интереси. Со оглед дека шемата на доверители и решението од судот се јавно достапни, ние, како Здружение категорички тврдиме дека ова е дезинформација, посочуваат оштетените штедачи.
– Но, дури и да има, како што веќе кажавме, член 163 став 3 од Законот за банки не е lex specialis којшто важи само за Еуростандард банка, ниту пак значи дека со укинување или поништување на таа одредба доверителите со сигурност ќе ги наплатат своите побарувања во стечајот на таа банка. Тоа значи само дека ќе се укине нееднаквоста и дискриминацијата, ништо друго. Прашуваме, тоа ли е судир на интереси? Или, во чиј интерес е да постои нееднаквост и дискриминација, прашуваат.
Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка изразува надеж дека сепак Уставниот Суд ќе го сочува дигнитетот, дека нема да дозволи некои од судиите, место да ги применуваат Уставот и законите, преку подземни игри со одредени банкарски кругови, политички структури, информативни гласила и портали, како и поставување на апсурдни барања за испитување на судир на интереси, да го урнисаат во целост угледот на највисокиот суд во државата и да ги сведат судиите на обични „трговци со влијание”.
– Истовремено, ја повикуваме ДКСК да се одважи и да одговори на барањето на уставните судии за судир на интереси во рокот што од неа ќе биде побаран од судот, за да може истиот непречено да одлучува според закажаното на седницата од 15.04.2021 година, или најдоцна до 20.04.2021 година, бидејќи следното гласање е закажано за 21.04.2021 година. Инаку, за ваквите подземни игри во Уставниот Суд, Здружението смета дека мора да има поединечна одговорност. Исто како и за пропаѓањето на Еуростандард банка. И ние ја уверуваме македонската јавност дека нема да застанеме, ќе продолжиме со нашата борба. Ние добро знаеме што се случува, не сме наивни како што некој мисли. Но затоа, на сите „мешетари” во судот и надвор од него им порачуваме ДОАЃА ВРЕМЕ НА ОДГОВОРНОСТ. Или ако сакате народски „кој што сеел, тоа ќе си жнее”. Затоа што ние оштетените од Еуростандард банка имаме загубено многу, речиси се, и доколку се ставите во наша положба ќе знаете дека нашата болка мора да добие име и презиме. Ќе сториме се тоа име и презиме да стане јавно и познато на целата македонска јавност. И тоа наскоро, веќе во следните соопштенија, додаваат од здружението.