Зградата на МНР вечерва е осветлена во боите на НАТО по повод утрешното одбележување две години откако земјава е полноправна членка на Алијансата.
-Да се биде дел од трансатлантското семејство, особено во овие времиња на геополитичка нестабилност, е значајно постигнување и цврста гаранција за нашата безбедност и просперитет, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот фејсбук профил.
Според него, Македонија е на заедничка маса со најразвиените демократии во светот и е активен чинител во глобалните безбедносни политики.
-Со нашите НАТО партнери сме обединети и одлучни заеднички да одговориме на актуелните безбедносни предизвици предизвикани од инвазијата на Русија во Украина и да го дадеме својот придонес за зачувување на светскиот мир и стабилност, наведува Османи. (МИА)