сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Жителите на Нерези секое лето остануваат без вода за пиење, Богоев лажно ветува, ЈП Водовод парадоксално порача „не трошете вода без потреба“

Жителите на Нерези секое лето остануваат без вода за пиење, Богоев лажно ветува, ЈП Водовод  парадоксално порача „не трошете вода без потреба“

Жителите на Средно Нерези и повисоките места во населбата веќе со години мака мачат со водата.

Имено повеќе илјади жители секојдневно остануваат без вода во период од 16 часот до 23 часот, а тоа се случува во период од јуни до септември.

Жителите кои се обратија до редакцијата на КУРИР велат дека за овој проблем слушаат ветувања од секоја власт која ќе дојде да бара гласови на изборите, но никој не го решава проблемот.

-Гневни сме и разочарани од градоначалникот Стефан Богоев, во 21 век на +40 степени ние немаме вода за пиење, ниту за бањање, вода нема ниту за лек, вели револтиран жител на скопско Нерези.

-Живееме речиси во центар, а наместо да дојде ветуваниот живот, живот нема!, додава друг жител на населбата.

Жителите кои со години полнат пластични шишиња или пак одат до природните извори во населбата велат дека и тие им ги забранија, бидејќи водата била неисправна за пиење.

-Богоев откако стана градоначалник заборави дека и ние сме дел од Карпош и дека и ние имаме право на „живот“ кој го ветуваше, раскажуваат жителите.

Редакцијата на КУРИР побара одговор од општината Карпош во врска со овој проблем, а од таму добивме одговор дека овој проблем со водоснабдувањето на Нерези „ЌЕ“ биде решен.

– Инаку во врска со поставените прашања, можеме да Ви одговориме, дека  сегашното раководство на Општина Карпош, по доаѓањето на власт во општината и честите контакти со граѓаните од Нерези, го има апсолвирано овој проблем. Затоа, веднаш се нафати со конкретно решавање на проблемот со водоснабдувањето во Нерези. Имено, во рамки на своите редовни програмски  активности, нарача изработка на Проект за приклучување на Средно Нерези кон водоводната мрежа. Неодамна Проектот е целосно завршен, и во најскоро време ќе се објави јавна набавка за избор на изведувач на работите за приклучување на Нерези кон водоводната мрежа. Патем, треба да се има предвид дека за водоснабдувањето во цел град Скопје (вклучително и Општина Карпош) е надлежно ЈП „Водовод и канализација“.

Сепак откако ги информиравме граѓаните тие едногласно тврдат дека ветувањето „ЌЕ“ го слушаат две години откако градоначалникот е на власт и овој збор е одлика на власта предводена од СДСМ.

Тие велат дека градоначалникот ниту го виделе да шета во нивната населба, ниту да ги запраша дали имаат вода за пиење, а најмалку да ги информира за решавање на овој проблем.

Одговор за решавање на овој проблем побаравме и од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но се до овој момент тие немаат одговорено на нашите прашања.

Сепак во меѓувреме тие избегнувајќи го одговарањето на ова прашање (намерно или не) во време траење од неколку часа, парадоксално им порачаа на граѓаните да не трошат вода без потреба.

-Би сакале да апелираме за рационално и разумно трошење на вода во текот на летниот период и за време на топлотните бранови кои го зафаќаат градот Скопје. Апелираме до сите наши корисници во овој период  да се однесуваат што е можно поодговорно односно да се избегнува полевање и наводнување со вода во текот на денот, а тоа да се прави рано наутро, доцна попладне или во ноќните часови. Водата е најзначаен природен ресурс и токму затоа треба да внимаваме како се однесуваме кон него, стои во нивното соопштение.

Најнови вести