Пред два дена пишувавме за еден од потенцијалните кандидати кои кружат за нов наследник на Васил Тупурковски и нов Претседател на Македонскиот олимписки комитет.
Денеска е последен ден од конкурсот каде што може да аплицираат идните потенцијални претседатели за наследници на познатиот “Циле”, луѓе кои би требало да го носат товарот за идните успеси на македонската олимписка селекција.
Нашите информации говорат дека ова нема да биде битка на визија и идеја за развој на спортскиот олимписки комитет, туку борба за политичка контрола на власта во спортот. Еден од потенцијалните кандидати кој се зборуваше во јавноста беше Даниел Димевски, поранешен советник на премиерот Заев, но и познат на јавноста по скандалозното преземање на СРЦ Кале, за што се води и кривична постапка.
Вториот кандидат на Заев за иден предводник на олимпискиот комитет за кој се зборува низ кулоарите е актуелната Претседателка на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војневска.
КОЈА Е ВОЈНЕВСКА – ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА АФМ?
Војневска е повеќе од 1 година на чело на атлетската федерација, инаку позната како Претседател на федерација кој има блиски конекции со кабинетот на Заев, преку нејзини блиски роднини, но и блиски конекции со Агенцијата за млади и спорт, преку Советот за спорт, каде што е член на Советот и Претседател на Советот за спорт.
Она што е помалку познато за јавноста е што Војневска како Претседател на Советот за спорт при АМС си доделила сама на себе распределба на средства за федерации на атлетската федерација над 18 милиони денари во период од 1 година, а доделени се од нејзина страна на АФМ за период од 3 години над 23 милиони денари.
Дали ова е согласно етичките и моралните начела, како и правните начела на функционирање на АМС и спортските федерации оставаме да судат граѓаните и надлежните, но очигледно е дека била сериозно форсирана и привилегирана атлетската федерација со сума над 18 милиони денари за само 1 година.
Ова е второто име кое кружи низ кулоарите како желба на Зоран Заев за наследник на Тупурковски, а дали и како ќе биде крајниот исход оставаме да покаже времето.
Конкурсот за избор завршува денес, а веќе во понеделник е Собранието на МОК кое треба да го изгласа идниот водач на МОК.
Дали овој пат ќе се фрли сериозна дамка во изборот на претседателот на МОК каде што замешала прсти политиката и власта, останува да видиме веќе во понеделник.